Понекогаш, потребно е да помине време за да се види големината на едно дело.
Дека класиците никогаш нема да бидат надминати, најдобро говори видеото кое ќе имате можност да го видите подоле. Се работи за завршниот монолог од филмот на Чарли Чаплин, “Големиот диктатор” од пред 72 години.
Многумина од Вас можеби не знаат, но Чарли Чаплин е еден од ретките Холивудски артисти кои речиси (ако не и сите) свои филмови ги изработил самостојно, од сценарио, до режија и глумење. Она што е интересно е дека 80% од делата на Чаплин се неми филмови, што е секако и многу логично со оглед на тоа што кога тој го доживувал цутот на младоста, филмот се’ уште бил во зачеток.
Видеото подоле, како што веќе спомнав, е извадок од The Great Dictator. Во тоа време, во 1940 година, САД се’ уште не биле официјално во војна со Нацистичка Германија. Од таа причина, ова е еден од првите филмови кои што ја обработуваат фашистичката тематика и тоа на еден сосема поинаков, ироничен начин. Понатаму, ќе следуваат и други филмски класици на оваа тема, еден од нив, е на пример и култниот Казабланка со Хемфри Богарт (1941).
Што се однесува до “Големиот диктатор” – главната поента на овој филм е критиката искажана преку зборовите на ликот којшто го игра самиот Чаплин, Еврејскиот берберин, кој смета дека човекот располага со многу поголем потенцијал отколку што се чини, а за фашистите ќе каже дека се “вештачки луѓе, со вештачки мозоци и срца”. Можеби изгледа навистина “искулирано” и “онака”, гледано од денешен аспект, но ако се вратиме 70 години наназад – да се исмеат на ваков начин фашистите, во тој период кога истите владееле со половина свет, секако е знак на огромна храброст.
Но, тоа всушност и не е толку фасцинантно колку што е брилијантен самиот говор кој го држи берберинот. Неговите зборови воопшто ја немаат изгубено силината и по 7 децении. Вештачките луѓе за кои се говори се дел од нашето секојдневие се’ уште. А, човекот? Човекот и понатаму е заробен во својата имагинарна слобода, контролиран од истите инвенции кои самиот тој ги создаде.
Ви се допадна видеото? Помогнете да ја пренесеме пораката низ македонската интернет-сфера! Пратете го линкот од овој пост на мејлот на Вашиот омилен македонски интернет-портал.
И никогаш немојте да заборавите:- ВИЕ СТЕ СИТЕ ЛУЃЕ! Нема Македонци, Албанци, Грци, Срби, Бугари, Авганистанци, богати, сиромашни, паметни, глупави… Има само луѓе!



















Последни коментари